
Татковци, како полесно да се зближите со бебето?
Совладајте го стравот од непознато
По раѓањето на бебето, веројатно ќе имате доста работа надвор од дома, пријава на бебето, одење во набавки и слично. Во првите неколку месеци сосема е нормална појава да ја испитувате територијата и да избегнувате да останете сам со бебето, затоа што целата ситуација ви е потполно нова и непозната, па поради тоа чувствувате непријатност.
Пробајте да го совладате стравот така што повеќе време ќе поминувате со вашето семејство и потрудете се со помош на сопругата да задоволите некои основни потреби на малечкото, да го пресоблечете, да го избањате, да го успиете…
Запознајте се со вашето бебе
Запознајте се со вашето бебе за да ви биде пријатно. Држете го во раце, гледајте го во очи, зборувајте му и подарувајте му насмевка.
За почетокот како би се зближиле треба што повеќе да се галите, држете го, набљудувајте ги неговите реакции, а кога малку ќе порасне, сигурно ќе уживате да изведувате претстави, да го забавувате, засмејувате…
Поминувајте време насамо со бебето
Ова ќе биде корисно не само за вас, туку и за мајката, која тоа време ќе го посвети само за себе. Доколку некое време поминете насамо со бебето ќе научите како да ги препознаете неговите потреби кога нема да има никој околу вас за да ви помогне.
Запаметете дека секое дете е специфично и дека на некој свој начин дава до знаење дека е гладно, водено или дека едноставно бара внимание. Исто така, смислете некој свој ритуал во кој ќе уживате и вие и бебето.
Побарајте помош од блиските
Немојте да се плашите да побарате помош, затоа што сигурно ќе се случи нешто да не знаете да направите или да не знаете како да изреагирате во одредена ситуација. Мајката нормално најдобро знае како да го смири бебето, но вие бидете спремни да учите. Немојте однапред да се откажувате и да ги кревате рацете, затоа што некогаш е потребно некој да ви покаже што треба да направите во одредена ситуација.
Слушајте ги советите од другите татковци
Сигурно имате некој пријател, роднина, комшија, кој може да ви открие неколку мали тајни во врска со татковството. Поразговарајте со него и не се плашете да кажете дека понекогаш ве фаќа паника од бебето, затоа што веројатно и тие биле во слична ситуација. Без оглед на тоа каков совет ќе ви дадат сигурно ќе ви помогне самите да смислите која е вашата стратегија како да се зближите со своето бебе.