Во случај на отсутност на мајката како треба да се чува мајчиното млеко?
Правилната исхрана на новороденчето (дете во првата година од животот) има големо значење во заштитата и одржувањето на здравјето, како и во психолошкиот развој на детето. Со соодветна исхрана, детето брзо се развива и напредува. Повеќето мајки се здрави, можат да дојат и треба тоа да го прават. Мајчиното млеко е најсовршената и незаменлива храна, бидејќи е прилагодено на потребите на бебето.Освен што обезбедува природна исхрана со доењето, се постигнува и врска меѓу мајката и бебето, емоционална стабилност и го подобрува имунитетот. Мајчиното млеко е бактериолошки исправно и стерилно, а цицањето овозможува правилен развој на вилицата.
Но, кога е оправдан прекин на доењето на бебето, кога мајката е болна или отсутна? Како да се справите со овие ситуации, кога да престанете, кога и како да се заштитите, и како и колку да го зачувате млекото во случај на кратка отсутност на мајката? На оваа тема читајте подолу во оваа статија !
Хранењето треба да почне половина час по раѓањето и никогаш да не се чека повеќе од 6 часа. Првата храна што детето ја прима се нарекува колострум. Тоа е густа жолтеникава течност богата со хранливи материи и заштитни елементи прилагодени на возраста на бебето. Од колострумот се преминува на преодно па се до зрело млеко. Со воспоставување на правилно доење бебето ги добива сите потребни состојки за тој период и не е потребно да се даде нешто друго измеѓу подоите. Ако мајката е добро подготвена за доење, тоа значи дека е подготвена да издржи во тоа да во почетокот воспостави ритам на доењето. Овој вид хранење не оди лесно но предноста од доењето кои ќе ги има вашето бебе се огромни. Бебето ќе добие ексклузивна исхрана, мајката ќе биде задоволна и ќе заштеди средства во домашниот буџет. Препорачливо е бебето во првите 4-5 месеци да е на ексклузивно доење, а потоа да се воведе цврста храна. Доењето е најдобро да се продолжи до една година, а може и подоцна, ако мајката и детето го сакаат тоа. Меѓутоа, во ова современо време, кога мајките покрај најважната улога во нивниот живот мора да работат, патуваат или се одделени од детето, понекогаш е потребно доењето да се прекине. Ако мајката е отсутна само неколку дена, може да се подготви за отсуството така што покрај редовното доење да се измолзи со рака или со помош на пумпа (полесен и поудобен начин). Најдобро е млекото да се измолзи наутро по утринскиот подој, бидејќи во тој период има најмногу млеко во градите.
Млекото може да се чува 3-4 часа на собна температура, до 48 часа во фрижидер и до 3 месеци во замрзнувачот. Потребно е да го ставите млекото во пластични садови со волумен од 60-120мл за да може да се користи одеднаш.
Млекото од фрижидер треба да се загрева на собна температура со грејач на шишиња, или со поставување на шишето со млеко во топла вода. Одмрзнатото млеко треба да се искористи во рок од 24 часа, доколку не се искористи, треба да се фрли. Зачуваното млеко секогаш треба да биде обележано со датум и време, за да не се случи на млекото да му е изминат рокот.
Сепак постојат и други причини кои може да го спречат ексклузивното доење, како на пример, маститис. Маститисот често се јавува на почетокот на доењето, кога бебето сè уште нема доволно сила да извлече доволно количина на млеко, а млекото почнува брзо да се формира. Ова не е контраиндикација за доењето, напротив. Доењето треба да продолжи иако има маститис, бидејќи бебето ќе го олесни притисокот што насобраното млеко го прави. На мајките кои дојат треба секогаш да им бидат препишани антибиотици кои може да се користат за време на доење и да се советува да продолжат со доењето. Лекарот ќе процени дали мајката има некоја хронична болест или прима терапија дали треба да се откаже од доењето, иако овие ситуации се ретки.
Мајките често го прекинуваат доењето затоа што се плашат дека немаат доволно млеко. Секое новороденче успева да создаде доволно количина на млеко така што мајката треба да биде опуштена и да го следи напредокот на своето бебе. Со подои колку што бара бебето по 2-3 недели од раѓањето се воспоставува нормална количина млеко, а количината се зголемува со потребите на бебињата. Важно е млекото нормално да се создава и да го има во градите и по завршувањето на подојот,да не се додаваат адаптирани формули, бидејќи со воведувањето на адаптираните формули може количината на произведено млеко да се намали.
Кога на детето ќе му воводете цврста храна, полека почнуваат да се менуваат и подоите. На почетокот, со подојот се продолжува по хранењето, а со тек на времето целосно и се прекинува. Околу првата година остануваат утринските и вечерните подои. Ако вечерниот подој е врзан со заспивање најдобро е бебето да заспива неколку дена со таткото, за да може полесно да се надмине престанокот на доење. Како бебето се помалку и помалку цица, млекото се помалку и помалку се создава, за на крајот, по десет дена целосно престанува. Во текот на овој период, мајките треба да го намалат внесот на течности, и бидејќи е природен процес, кога нема стимулација на дојката, млекото се запира и не се создава.
Во секој случај за секоја мајка, се препорачува доењето – да истрае, да му помогне на своето дете да стане поздраво, и доколку е потребно краткотрајно да запре со доењето, да биде сигурна дека со доењето може да продолжи и по враќање од работа или од патување.
Секоја мајка што го дои своето бебе слободно може да оди во кино или во театар, да оди низ град и да го остави бебето на грижа на некој што ќе го нахрани бебето со мајчиното млеко, подготвено од мајката, без страв дека млекото ќе се расипе а бебето ќе остане гладно..