
Волшебни работи кои бебињата можат да ги направат во првата година од животот
Новороденчето се смета за потполно безпомошно и зависно од мајката, но бебињата имаат исклучително силен нагон за преживување. Следните фасцинантни факти ќе ви ги откријат бебешките супермоќи.
Бебињата се раѓаат со многу истенчен слух и можат да одредат од каде доаѓа звукот само 10 минути по нивното раѓање. Во првите три недели, а некои бебиња дури и до 3 месеци, плачат без солзи. Нивните жлезди работат толку за да ги влажнат очите, но не и доволно за да произведат солзи. Кога бебињата се возбудени или плачат, можат да вдишат повеќе од шеесет пати во една минута. При раѓањето срцето им чука најбрзо во животот, дури со 180 отчукувања во минута. Веќе за неколку часа се намалува на 140, а кај едногодишник во просек е 115 отчукувања во минута. За споредба, на возрасните срцето им чука со 70-80 отчукувања во минута.
Доенчињата некогаш престануваат да дишат на пет до десет секунди. Неправилното дишење е нормално кај малите бебиња, но доволно за прединфарктна состојба кај родителите. Ако бебето престане да дише на подолго време или посини, потребно е итно да се отиде на лекар. Новороденчињата и многу киваат, но тоа не е затоа што се преладени. Така го чистат носето и полесно дишат. Бебињата се раѓаат и со способност за пливање па природно го задржуваат воздухот под вода. Тој рефлекс се губи до шестиот месец. Толку од прилика им е потребно и да научат дека секој предмет е единка за себе. Пред тој период, на пример, кога ќе видат различни кучиња мислат дека се работи за едно исто куче.
До шестиот месец бебето ја дуплира својата тежина, а до една година дури и за три пати ќе ја зголеми истата, што е невозможно во било кој период од животот подоцна.
Бебешката прва столица нема непријатен мирис. Се вика мекониум, а се состои од слуз, плодова вода и се што бебето пробувало додека било во стомакот. Нема мирис затоа што во цревата сеуште нема бактерии. Штом почне да јаде, бактериите ќе ги колонизираат бебешките црева и столицата ќе поприми интензивен мирис. По тоа на која страна ја вртат главата кога спијат, одредени научници сметаат дека може да се одреди дали бебето ќе биде левак или деснак. Само 15% од новороденчињата повеќе ја вртат главата на левата страна додека спијат.
Уште неколку интересни факти:
-Вишок на коски – бебињата се раѓаат со 300 коски, а возрасните имаат 206. Во текот на растењето некои коски се спојуваат. Бебешките колена се градени од рскавица, која околу третата година расте во коска.
-Новороденчињата во просек им скратуваат на родителите од 350 до 400 часа сон во текот на првата година од животот.
-Дишат и голтаат слободно – бебињата можат во исто време да дишат и да голтаат, а таа способност престанува околу седмиот месец од животот. Така им се овозможува цицање.
-Голем мозок и глава – главата на новороденчето е околу 25% од тежината на телото. Мозокот е 10% од вкупната тежина, а кај возрасните само 2%.
-До петтиот месец бебињата не чувствуваат солено.
-Бебињата во просек се смеат околу 300 пати на ден, а возрасните само 60 пати. Не знаат за грижи!
-Поврзани со мирисот – од раѓање го препознаваат мирисот на мајката од останатите, но и мајките можат по мирисот да ги препознаат своите бебиња од останатите.
-Големи бебешки очи – имаат големи очи затоа што тие веќе не растат после раѓањето. Исклучително се кратковидни, а бои распознаваат после четвртиот месец.
-Мали но многу силни – посилни се отколку што мислиме. Стисокот на новородените бебиња е толку силен што без проблем можат да ја држат целата своја тежина доколку се фатат за нешто со прстите.