ЕЛЕКТРОНСКИ ИНФОРМАТОР

Претплати се на нашиот електронски информатор и добивај информации за промоции и нови производи!

    • Нема производи во кошничката.
    a
      >  Трудници   >  За раното откривање на детски срцеви аномалии зборуваме со Д-р Драшко Димески
    За раното откривање на детски срцеви аномалии зборуваме со Д-р Драшко Димески

    За раното откривање на детски срцеви аномалии зборуваме со Д-р Драшко Димески

    На наше задоволство разговараме со Д-р Драшко Димески кој за читателите на Babyshop ќе раскаже повеќе за раното откривање на детските срцеви аномалии.
    Д-р. Димески е дел од медицинскиот тим во клиничката болница Аџибадем Систина. Дипломирал во 1979 година на Медицинскиот факултет во Скопје. Специјализација по педијатрија завршил во 1990 година на истиот факултет. Супспецијализација по педијатриска кардиологија и постдипломски студии по фетална кардиологогија завршил 1996 година на Академијата за високи медицински науки во Бергамо, во склоп на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Милано и Медицинскиот факултет во Пиза, Италија.
    ДМ: Феталната ехокардиографија претставува дијагностичка процедура која овозможува да се види и процени структурата и функционирањето на кардиоваскуларниот систем на фетусот. Со овој метод може уште во најраната фаза во бременоста да се откријат вродените срцеви аномалии (BCA) кај фетусот.
    Вродените срцеви аномалии статистички се застапени од 6-8 на 1000 новороденчиња. Примената на феталната ехокардиографија (најрано ултразвучно откривање на BCA кај плодот-фетусот на трудницата) покажа застапеност на истите од 20-32 на 1000 фетуси. Поради тоа сите оние кои се занимаваат со епидемиолошка статистика на BCA се согласуваат дека застапеноста на BCA е поголема е поголема од 6-8 на 1000 новородени. Ваквите податоци наметнаа поригорозни критериуми за ризичните фактори кои треба да бидат опфатени како причина за примена на овој метод. Истите се поделени во три групи: ризик фактори кои потекнуваат од фетусот, трудницата, како и ризик фактори кои потекнуваат од семејството.
    Во првата група се ризик фактори кои потекнуваат од страна на фетусот: заостанувањето во растот на фетусот, неправилни срцеви отчукувања, други аномалии кај фетусот, присутност на зголемена ткивна течност кај фетусот, близнаци, генетско нарушување и др.
    Ризик фактори кои потекнуваат од страна на трудницата: вродени срцеви аномалии, зголемена и намалена плодова вода, шеќерна болест, некои системски заболувања, користење на некои лекови во почетокот на бременоста, експозиција на рендгенско зрачење и инфекции, старост на родилката и др.
    Ризик фактори кои потекнуваат од страна на фамилијата: вродени срцеви аномалии, генетски и хромозомски нарушувања и др.
    Кон ова треба да се додаде дека за појавата на вродени срцеви аномалии кај фетусот во 90% од случаите причина е комбинацијата на надворешната средина и генетската предиспозиција. Податоците говорат дека вродените срцеви аномалии кај фетусот во поголем број случаи се придружени со хромозомски и други аномалии кај фетусот. Сето ова е само еден аспект од оправданоста на рутинската примена на феталната ехокардиографија во најраното откривање на ВСА.
    Вториот и многу битен момент кој ја оправдува рутинската примена на овој неинвазивен ултразвучен метод е податокот од водечките референтни центри кои даваат податоци за сѐ поголемиот број на ВСА кај неризичната група трудници кај кои не постои никаков ризичен фактор од горенаведените. Феталната ехокардиографија како неинвазивен ултразвучен метод во најраната дијагностика на ВСА се карактеризира со специфичност од 98%, сензитивноста од 92% и точност во поставената дијагноза до 96%. Поради сѐ повисокот процент на ВСА кај фетусите на трудници без ризик, феталната ехокардиографија во клиничката болницат Аџибадем систина се наметна како рутински скрининг во пренаталната дијагностика на структурните аномалии на феталното срце. Земајќи го ова предвид, информираноста на трудницата за постоењето на оваа неинвазивна ултразвучна дијагностика во најраното откривање на можни ВСА е од многу важно значење.


    Оптималното време за иследување на феталното срце е периодот од 16-21 недела од бременост. Кај високоризичните трудници, ова иследување може да се реализира и порано со примена на вагинална сонда.
    Феталната ехокардиографија ги користи стандардните техники: еднодимензионалната, дводимензионална, 3D и 4D доплер техника.
    Доплер техниката е метод без кој денес не може да се замисли иследувањето на феталниот кардиоваскуларен систем. Во тој контекст покрај стандардната доплер техника посебно значење има колор доплерот, кој овозможува рапидна визуелизација на кардиоваскуларниот проток на крв кај фетусот. Денес, според податоците на водечките референтни центри се смета дека околу 20% од феталните срцеви малформации можат да се дијагностицираат само со колор доплер.
    Предности на феталната ехокардиографија се:
    • Можност за најрано откривање на ВСА
    • Информираност на родителите за состојбата на срцето на фетусот
    • Планирање на времето и местото на раѓање, блиску до кардиохируршки центар доколку кај фетусот е дијагностициран ВСА.
    • Можна терапија кај феталните срцеви аритмии
    • Прекинување на бременоста доколку постојат комплексни кардиопатии асоцирани со генетски и хромозомски нарушувања
    • Индикација за одредување на кариотип кај ВСА поради високиот процент на асоцијација со хромозомски и генетски пореметувања.
    • Перспективна фетална интервентна кардиологија и кардиохирургија.
    • Овозможување на научни сознанија за развојот и текот на ВСА.
    Сепак, треба да се истакне дека ултразвучното иследување на феталното срце бара огромно искуство на докторот, како и критичен пристап во поставувањето на дијагнозата. Интересот и значењето на најраното откривање на ВСА со помош на овој метод е од големо значење во водењете на бременоста на трудницата, како и за здравјето на идната рожба.