Здравјето на децата: Билни чаеви кои помагаат во намалување на високата температура
Кога детето има висока температура неопходно е да му се даваат многу течности за да се спречи дехидратација. Билните чаеви се одличен избор, а еве кои од нив се најдобри за намалување на температурата.
Ако вашето дете има висока температура, не треба веднаш да го вклучувате алармот за тревога и на своја рака да му давате лекови.
Имено, земањето на лекови за намалување на температурата тогаш кога не е потребно може да има контрапродуктивно дејство и да го продолжи траењето на болеста. Лековите можат да ја пореметат работата на телесниот одбрамбен систем, кој сам се бори со вирусите.
Температурата до 38,5 степени (измерена под пазувите) кај децата не треба да се намалува со лекови. Високата температура е знак дека имуниот систем на детето добро функционира и дека телото само се бори против причинителот на болеста.
Билни чаеви за висока температура
Ако вашето дете е преладено или има вироза, редовно варете му билни чаеви. Поради засиленото потење можна е дехидратација, затоа е многу важно да зема доволно течности.
За чај одберете билки кои делуваат како дијафоретици, а тоа значи дека на почетокот ја зголемуваат температурата, со што го поттикнуваат потењето и чистењето на организмот од токсини. По пат на потењето на крајот и температурата се намалува.
Билните чаеви делуваат така што ја поттикнуваат циркулацијата и така овозможуваат на белите крвни зрнца побрзо да патуваат низ телото и да делуваат на причинителите на инфекцијата.
Билките кои се погодни за намалување на температурата кај децата се:
-камилица;
-маточина и
-нане
Камилицата и нането се многу добри затоа што имаат магнезиум, калциум, бакар, цинк и железо кои по пат на чајот брзо се апсорбираат во организмот, кои на истиот делуваат смирувачки.
Маточината е одличен антисептик кој ги ублажува проблемите со дигестивниот систем и исклучително помага против грипот, настинката и кашлицата кај децата.
На детето кое има проблеми со температурата можете да му сварите и чај од липа или чај од ајдучка трева, кои исто така ја намалуваат температурата.
Придобивки од билните чаеви:
-ја поттикнува детоксикацијата на телото;
-ја спречуваат дехидратацијата на организмот;
-ја поттикнуваат циркулацијата и го стимулираат организмот;
-го подобруваат сонот и расположението;
-го снабдуваат телото со антиоксиданси, кои го поттикнуваат оздравувањето.
Кога задолжително да отидете на лекар
–ако детето на возраст до 3 месеци има температура повисока од 38 степени;
-ако детето има температура повисока од 40 степени;
-ако детето има необичен осип, вкочанетост на вратот, повраќа и има пролив;
-ако детето тешко дише и е исцрпено;
-ако зголемената температура трае повеќе од 4 дена и ништо не помага.