
“Животната песна” на Војо Иванов – Интервју
Љубител на животни, сертифициран негувател на стари лица, едукатор на деца.
За неговата големина, влијание врз општеството, љубовта и неговата неверојатна позитивна енергија не треба многу да се објаснува.
Специјално за Babyshop, разговараме со Војо Иванов.
Babyshop: Долги години си присутен во медиумите и познат по тоа што од многу мал си голем љубител на животните. Дали постоела друга професија која си ја посакувал како дете, а за која не знаеме?
Војо: Не,не, ништо освен тоа (Се смее). Секој викенд со татко ми бевме во зоолошка и така растев…мене на секој роденден ми викаа”уште си со тоа животните?” демек: дај најди некоја асална професија, нешто “нормално”. После Африка се вратив со повеќе грижа кон луѓето и некако друга перцепција на”мојот вид”,а сепак се потсетив дека последно четиво по биологијата ми е “Човек” (Се смее). Веднаш по враќањето се посветив на работа со стари лица и бев неговател повеќе од една година, многу научив од тоа ама мислам дека станав многу по сталожен од работата со нив. Да, денес сум и сертифициран неговател за стари лица. Повеќе работев и со деца, моите едукативни презентации ги правев од градинки до домови за стари, од шопинг молови до цркви, во парк на отворено, ама и во музеи. Мојата мисија беше да допрам до сите што изразиле иницијатива да ги слушнат животните преку мојот јазик (Се смее)
Bayshop: Стив Ирвинг го доближи светот на дивите животни до сите нас. За жал, неговиот живот заврши трагично. Колку внимаваш при средбите со опасните животни и дали сеуште чувствуваш страв при комуникацијата со нив?
Војо: Хахах не, воопшто. Kрокодилот не те сака зошто си човек, ама тој не го крие тоа. Човекот е тој што може да биде поголем крокодил од сите, а вешто да го сокрива тоа. Во новата работа уште повеќе ми се потврди тоа, повеќе им верувам на животните,се извинувам.
Babyshop: Од неодамна си дел од тимот на скопскатата зоолошка градина. Очигледно е дека внесе живот, но колку слободно време остана за тебе покрај новата улога?
Војо: Ух хахаха не воопшто. (Се смее) Пред скоро време бев на викенд во околниве земји морав да ги искористам слободните денови и пак работев во зоолошките. Повеќето ми се пријатели и по цел ден пак бев со нив. За мене работата е и стил на живот…јас навистина немам работно време.(Се смее)
Babyshop: Која е твојата конкретна улога во ЗОО Скопје?
Војо: Зоонеговател Zookeeper/ Слонар во моментов/на хартија за официјално. Толкава и плата земам/пардон хонорар/немам здравствено сеуште.(Се смее) Ама едно си ветивме со новиот директор, не сум таму да се навикнам на системот,туку да го смениме заедно…впрочем, зошто и бев повикан ако се беше како требa. Предизвик е да смениш навики стари 20тина години особено во државен систем, секој ден имам нов предизвик како да се сменат нештата на подобро.
Babyshop: Многу животни реагираат на некаква музика. Сме виделе кучиња кои “пеат”, змии кои “играат”, папагали кои повторуваат, мајмуни кои имитираат. Има ли Војо слична моќ према животните и дали можеме да видиме некое шоу како дел од новата програма во ЗОО Скопје?
Војо: Од пролет се враќаме со” keeper talk” и пак ќе скокам со крокодили, ќе ранам мршојади, ќе се бацуваме”со жирафи, ќе има тренинг со слонови и морски лав.
Не правиме циркус, туку мотивираме повеќе емпатија за животните, еколошката свест ама и перцепцијата за зоолошките градини.
Babyshop: Многу од животните имаат интересни имиња. Кој е најчесто “кумот”?
Војо: Јас самиот. Секогаш тоа ми доаѓа спонтано…да му се обратам со некое име. Веројатно ме потсеќаат на некој луѓе дали физички или карактерно. (Се смее)
Babyshop: Колку е лесно и често размножувањето на животните во средина како ЗОО?
Војо: Лесно е ако се сака,се знае и се дава многу љубов и посветеност/zookeeperot е тој кој ја прави таа магија/мајмунот да е во џунгла, мечката во шума, за жирафата савана…за многу од тоа веројатно треба да имаш и некое вродено чуло, не знам. Ама треба и многу работа и учење.
Babyshop: Скоро пристигнаа двете слоници. Дали може да очекуваме животни кои до сега ги немаме сретнато во ЗОО Скопје?
Војо: Сигурен сум. Правиме услови за тоа, на пролет ќе изненадиме.
Babyshop: Која супер-моќ ја употребуваш за да влијаеш врз одговорноста на посетителите?
Војо: Зборење. Верувајте доволно е…постојат многу одговорни посетители.
Babyshop: Зоолошката градина им нуди можност на најмладите да запознаат различни животни и нивните карактеристики. Од друга страна многумина сметаат дека дивите животни не припаѓаат во таква неприродна средина. Кое е твоето размислување на таа тема?
Војо: Бев и работев на “слобода”, знам точно како изгледа тоа….контрацепција, огради…за мене зоолошките се како луѓето, добри и лоши, а на прашањето “дали воопшто треба да постојат, немам двоумење, ДА…затоа што толку штета е направена на природата што ова ќе биде единствен начин да се оддржат во живот многу видови!
Babyshop: Се повеќе се актуелизира проблемот со премногу улични кучиња и мачки и нивното влијание на безбедноста на луѓето, сообраќајот, хигиената. Каде го гледаш решението на ваквиот проблем?
Војо: Тоа ми е ситуација слична, ама не можам да мислам на друго сега, мора прво да се среди состојбата во зоолошка, навистина не сакам да мислам на друго. Сепак сметам дека фалат прави луѓе на право место.
Babyshop: Наше мислење е дека недоволно се промовирани животните кои се карактеристични за нашата земја. Што мислиш за идејата за снимање емисија или друг вид презентација на карактеристичните животни за подрачјето на Македонија?
Војо: Би било добро. (Се смее) Бара многу време и финансии.
Гледачот најчесто не ни добива претстава колки тоа чини навистина. По мене нема услови за тоа во моментов.
Ама зошто да не”The Zoo” една таква со приказни од зоолошката нели?
Babyshop: Би сакале да го слушнеме твоето мислење за поврзаноста на животните и најмалите членови во фамилијата. Кои животни се идеални домашни миленичиња за фамилиите кои имаат бебиња?
Војо: Па ако имате бебе не земајте миленик. Посветете се како треба или на едното или на другото, а ако веќе сте имале милениче тогаш слободно да си го чувате паралелно. (Се смее)
Babyshop: Кои се позитивните работи да се расте со животно?
Војо: ЕМПАТИЈА, мноооогу важна работа што нашето општество ја скока. Oдговорност, дисциплина…
Babyshop: Кое егзотично животно е најлесно за чување?
Војо: Нема такво! (Се смее)
Babyshop: Што до сега Војо научи од животните?
Војо: Да биде подобар човек!
Babyshop: Порака за љубителите на животните, но и за оние другите?
Војо: Најдете начин да си го слушнете”пилето “од внатре”, да видите каква песна му се пее. Тогаш и животот ќе ви стане таков, песна! (Се смее)
Среќни и реализирани луѓе ќе ни ја расчистат ”маглава” во која живееме, а животните си се супер. (Се смее)