Зошто децата ги боли глава?
Мигрената се појавува кај 5 до 10 проценти од децата во школска возраст, а во предшколската е нешто поретка, но затоа делува многу подраматично. Колку што е детето помало, многу повеќе плаче, повеќе се жали на голема болка, мачнина, вртоглавица и често повраќање… Која е причината за појава на мигрена сеуште ни за возрасните не е позната, а уште помалку кај децата со тоа што овој вид на главоболка кај децата се поврзува со таканаречената мигрена – предизвикувач.
Најчесто предизвикувачи на мигрената се чоколадото, сирењето, лешниците, зачинетата храна, шеќерот и кофеинот, исто така газираните сокови, претераното физичко напрегање, стрес, недоволно внес на течности, прескокнување на оброци, премногу или премалку сон, некои мириси, нагли промени на времето, лошо држење…
Доколку постои семејна историја за упорната главоболка, ризикот секако е зголемен вашето дете да ја наследи истата. До пубертет подеднакво исто и момчињата и девојчињата имаат можност за појави на оваа главоболка, додека подоцна многу почеста појава е кај девојчињата. Мигрената во голем број од случаевите може да се повлече после адолесценција . Но за жал, сепак оние деца кои ќе добијат мигрена 50% ја задржуваат и во подоцнежните години.
Доколку детете се пожали на редовна главоболка, родителите би требало да се обратат на педијатар. Доколку е потребно, лекарот ќе го прати и вашето дете на невролог кој ќе одреди дали е потребно терапија или не. Лековите кои ги спречуваат симптомите се оние кои делуваат превентивно и оние кои ја намалуваат болката. Многу лекови кои лечат главоболка а ги пијат возрасните, се препишуваат и кај децата, само во помали количини.
Без разлика дали на вашето дете ќе му биде препишана терапија или не, на детето му е потребна дневна рутина како одмор, игра, дружба и здрава исхрана.