• Нема производи во кошничката.
a
  >  Деца   >  Зошто децата често се разболуваат до третата година?
Зошто децата често се разболуваат до третата година?

Зошто децата често се разболуваат до третата година?

Детето се раѓа со имунитет наследен од мајката, а својот го развива после неколку месеци. Проблемот се јавува кога имунитетот кој е стекнат од мајката ќе се потроши, а неговиот уште не е развиен. Тоа се случува околу осмиот и десеттиот месец. Во тој период децата се најчувствителни и најнезаштитени од болести.

Како и секоја година зимата ни ги наметнува темите за респираторните болести. Познато ни е дека во просек, детето годишно преболува до осум инфекции на дишните патишта, а децата кои одат во градинка и до 12. Често си го поставуваме прашање зошто некои деца во контакт со ист причинител развиваат полесни настинки, а други заболуваат од тешки форми на воспаление на белите дробови? Зошто некои деца се подолго болни од други? Зошто потешко оздравуваат? Зошто некои деца скоро никогаш не се болни или се многу ретко болни? Секако сето тоа зависи од типот на заболувањето со кој ќе се сретнат децата, успешноста на терапијата, од соработката со лекарот, од годините на детето, од генетиката, стилот на животот, но големо влијание има имунитетот, значи природната одбрана на организмот.

Одбрамбениот систем не е созреан

Детето најчесто е болно до третата година, затоа што неговиот имунитет или одбрамбен систем не е созреан. Од 10-12 години детето го достигнува имунитетот на возрасна личност. Имунитетот го сочинуваат многу одбрамбени реакции предизвикани од страни тела и микроорганизми внесени во организмот. Така се прави отпорност спрема болестите. Таа природна отпорност или имунитет кај детето во најраните години зависи од имунитетот на мајката.

Во текот на бременоста мајката преку крвта му ги пренесува на своето дете заштитните тела кои го штитат од инфекција.

Со првото доење новороденчето добива заштита од својата мајка, затоа што тоа прво млеко е богато со антитела, па од таа причина и се вика прва вакцина. Поради тоа се наметнува заклучок дека мајчиното млеко е еден од најдобрите извори за заштита од болести. Докажано е дека доените деца се поотпорни на разни инфекции. Имунитетот е наједноставно кажано отпорност на организмот, способност да се брани од болест.

Избегнувајте затворени простори

Веќе е наведено дека детето се раѓа со имунитет наследен од мајката и дека тоа трае првите неколку месеци. Постепено развива сопствен имунитет и тоа со населување на физиолошки бактерии на флората во усната шуплина и во цревата. Проблемот настанува кога имунутетот стекнат преку мајката ќе се потроши, а сопствениот не е развиен. На тоа треба да се мисли во есенските и зимските месеци и да се избегнуваат затворените простори каде што има повеќе луѓе, особено ако меѓу нив има и болни.

Бидејќи децата имаат намален имунитет до третата година, не треба да се мешаат меѓу повеќе луѓе ако за тоа постојат можности.

Со храна против болести

За да се заштитат децата од болести треба храната да биде богата со витамини А, В 6, С, Е (млеко, морков, домат, пиперка, морска риба, банана, маслиново масло, овошје), железо, цинк. Движењето го поттикнува имунитетот. Треба тоа да се има на ум, ако имате дете кое со часови седи пред ТВ. Кога физичката активност е зголемена срцето пумпа повеќе крв и одбрамбените тела побрзо патуваат во телото. Се препорачува физичка активност барем пола час дневно. Кај помалите деца за шетање треба да се одбере период од денот кога е потопло и нема ветер. Во случај на често и потешко разболување на детето имаме можност да направиме одредени лабараториски испитувања за да може да се дијагностицира послабо развиениот имунолошки систем. Во случај на пониски вредности од нормалните треба да се спроведе терапија за да му се помогне на детето да го помине периодот на намален имунолошки систем, до периодот кога детето ќе биде способно само да ја превземе одбраната на организмот од болеста. Тоа треба да биде во консултација со лекарот кој се грижи за детето. Улогата на родителот е да внимава на детето, да ги препознае неговите потреби, да се придржува кон советите на лекарот и во заедничката грижа за детето, на големо задоволство на двете страни.