ЕЛЕКТРОНСКИ ИНФОРМАТОР

Претплати се на нашиот електронски информатор и добивај информации за промоции и нови производи!

    • Нема производи во кошничката.
    a
      >  Трудници   >  Зошто некои трудници немаат утрински мачнини?
    Зошто некои трудници немаат утрински мачнини?

    Зошто некои трудници немаат утрински мачнини?

    Ако сте една од оние трудници кои немаат утрински мачнини, дознајте која е причината поради тоа и дали треба да бидете загрижена?

    Сите останати идни мајки се борат со мачнини во текот на бременоста, а вие веќе сте поминале низ првото тромесечје, без знаци на мачнини и повраќање. Но, иако го немате тоа нелагодно чувство, можеби сте се запрашале дали вашето бебе е добро и што не е во ред со вас?

    Без грижи! “Речиси 30% од трудниците во потполност прескокнуваат било какви мачнини”, вели др. Микел Хакака, гинеколог од Беверли Хилс и автор на книгата “Expecting 411”. И тоа е нешто околу што би требало дефинитивно да бидете среќни.

    Значи, кои се тие среќници кои го избегнуваат повеќенеделното “славење” во бањата? Сосема искрено, тоа може да биде било кој. “Некои жени можат да доживеат утрински мачнини, а некои жени едноставно не ги доживуваат. Некои жени ги немаат во првата бременост, но ги имаат во втората и обратно”, вели др. Мара Френсис, гинеколог од Тексас и авторка на книгата: “Mommy MD Guides”.

    “Не доживува секој утрински мачнини, баш како што секој не доживува и мачнини од патување”.

    Можеби сте и посилна градба, можеби подобро го обработувате порастот на нивото на хормони, како бета HCG, естроген и други хормони кои доаѓаат во текот на првото тромесечје. Тие хормони брзо се шират во првите недели од бременоста, што може да предизвика мачнини во желудникот. Додека да стигнете до второто тромесечје, иако сеуште постојат, полесно ги поднесувате.

    Кај мал процент на жени, недостатокот на утринска мачнина може да укажува дека нивното ниво на хормони е значително пониско од просекот и дека имаат зголемен ризик од спонтан абортус, но тоа најчесто не е случај  – а секако не треба да сте загрижена ако не чувствувате утрински мачнини, се додека вашиот гинеколог мисли дека нивото на хормони изгледа задоволително.

    “Доаѓаа многу жени во паника затоа што не чувствуваа никакви утрински мачнини и мислеа дека се под поголем ризик од пометнување”, вели др. Френсис и додава: “Ако немате утрински мачнини, тоа не значи дека имате абнормално ниво на хормони, тоа само значи дека ја толерирате бременоста подобро”.

    Сепак, немојте прерано да се радувате! Дури и ако сте го поминале првото тромесечје без мачнини, тоа не значи дека воопшто ќе ги немате. Иако поголемиот број на жени мачнините ги доживува помеѓу 8-та и 14-та недела од бременоста, секоја жена и секоја бременост е различна, па мачнините можете да ги добиете и подоцна.

    Да заклучиме, ако сте без мачнини, сметајте се за среќна и уживајте во фактот дека низ она што многу жени го сметаат за најтешка работа во бремноста, вие поминувате без многу проблеми.