ЕЛЕКТРОНСКИ ИНФОРМАТОР

Претплати се на нашиот електронски информатор и добивај информации за промоции и нови производи!

    • Нема производи во кошничката.
    a
      >  Деца   >  Воведување на месо во исхраната на бебето
    Воведување на месо во исхраната на бебето

    Воведување на месо во исхраната на бебето

    Кога и кој тип на месо да се воведе во исхраната на бебето?

    На кој начин се спремаат кашичките од месо?

    Дали се можни реакции на алергија на овој вид на храна?

    Одговорите побарајте ги во текстот кој следи подолу…

    Месото е многу важен извор на белковини – висока биолошка вредност, кои на вашето бебе му се потребни за да ги развие ткивата и органите. Тие се главен извор – материја за развивање на мускулите, крвта, кожата, косата, ноктите и внатрешните ограни, вклучувајќи го и срцето и мозокот.

    Месото содржи есенцијални аминокиселини кои се многу потребни за правилен раст, развој и созревање на новороденчето, а организмот не може сам да ги направи. Затоа е важно во право време да ги воведете во исхраната на вашето бебе. На тој начин ќе ги задоволите и неговите потреби за железо, затоа што месото е важен извор на тој елемент – и тоа во облик кој организмот пет пати подобро го искористува од железото во овошјето, житарките или млечните производи. Покрај тоа, богато е и со цинк, минерал кој е значаен за зајакнување на имунолошкиот систем.

    Со негово внесување ќе го спречите и појавувањето на анемија, затоа што месото е богато со витамин Б, потребен за вршење на секојдневните активности, особено со витаминот Б12, кој го нема во растителните производи, а е потребен за изработка на црвените крвни зрнца и за работа на нервниот систем.

    Кога да се внесе месото во исхраната на бебето?

    Вистинско време за воведување на месото е кога бебето ќе наполни шест месеци. До тогаш бебето се навикнува на вкусот на житарките, овошјето и зеленчукот, а системот за варење е созреан за да го прифати и да го свари овој производ – месо.

    Со кој тип на месо треба да се почне?

    Во исхраната на бебето треба прво да се внесува бело месо од пиле и мисирка, и тоа без кожа – затоа што најлесно се вари, не е масно, а богато е со квалитетни протеини и корисни аминокиселини. 

    Можете да воведете и месо од помлади животни, кое е помеко (телешко кое има многу хранливи состојки како железо, витамини и минерали).

    Темно месо од живина се воведува после десетиот месец, додека црвено месо (јунешко и говедско) се препорачува после една година. Во исхраната на детето последно се воведува свинското месо, затоа што е масно и тешко за варење.

    Бебето не треба да јаде месо секој ден, па направете паузи со кашички од ориз, житарки или жолчки, кои се богати со железо (лажиче по лажиче вареното јајце постепено воведувајте го во исхраната на бебето).

    Како да се подготвуваат кашите од месо?

    Месото кое го подготвувате за бебето мора да биде свежо и квалитетно. Би било најдобро да биде од животни на кои исхраната им е природна – да не биде со разни додатоци и хемикалии, како и тоа животните да не бидат лечени со соодветни препарати, особено не со антибиотици. Значи, купено од проверени извори. Секогаш одберете месо од мускулот, затоа што тоа е најквалитетно. Спремете го со варење во вода или на пареа. Важно е да се внимава месото да не се превари, тогаш станува премногу жилаво и тврдо, и желудникот на вашето бебе потешко ќе го свари.

    Во почетокот месото треба да го давате пасирано (многу иситнето), а подоцна сецкано на парчиња. Идеално е да го комбинирате со зеленчук (кој е богат со витамини и минерали, а бебето веќе го јадело), така вашето бебе полесно ќе го прифати и проголта месото. Можете да го измешате со житарки, во тој оброк ќе има многу влакна, потребни за нормално регулирање на варењето. Железото од месото најдобро ќе се искористи ако се комбинира со производи кои се богати со витамин Ц.

    Што може да се додава во кашите со месо?

    Кога се спрема кашичка со месо, се препорачува и додавање на неколку капки растително масло (маслиново, сончогледово) кое е извор на витамини кои се топат во мастите (А, Д, Е, К) и масни киселини.

    Солта не се препорачува кога се подготвува оброк за бебе, но ако сакате да го подобрите вкусот, нема да биде штетно да ставите многу малку сол.

    После првиот роденден, бебето може да ги јаде сите видови на месо (и свинско) и тоа без да се мешаат со зеленчук. Кога бебето ќе може да џвака, полека преминете од миксирано на исецкано месо и послужете го заедно со зеленчук. Кога на бебето ќе му давате само месо, водете грижа да не го исушите во подготовката, тогаш е тврдо за џвакање, но и тешко за бебето да го свари.

    Дали постои врска помеѓу месото и реакциите на алергија?

    Секој производ кој се воведува во исхраната на бебето, потенцијално може да предизвика алергија. Затоа е потребно да воведувате секогаш само по еден производ. Месото не е исклучено, па и кај него треба да се придржувате кон правилото за воведување на нов производ на секој четврти ден. Пилешкото и телешкото месо се покажале како производи кои повеќе може да предизвикаат алергија отколку мисиркиното и јагнешкото месо. Најчеста реакција на алергија е дерматитис (воспаление на кожата). Преработките од месо како саламите, шунката, пршутот, кремвишлите, колбасите – треба да се избегнуваат во исхраната на бебињата поради големата количина на сол, адитиви и конзерванси – кои можат штетно да делуваат на сеуште недоволно развиените бубрези и црн дроб, но и да предизвикаат разни реакции на алергија.

    Корисни совети 

    -Бидете внимателни за количеството на месото кое го ставате во кашата на бебето. Голема количина на протеини може да ги оптовари неговите бубрези. Затоа се препорачува редовно давање мали количества месо помешано со зеленчук. На почеток, во кашичката ставете неколку коцки месо.

    -Отстранете ги масните делови, затоа што тие не се добри за мало бебе и не му давајте на бебето изнутрици.

    -Најдобро ќе ги сочувате хранливите состојки на месото ако го подготвувате на пареа или го варите во мала количина вода или во супа од зеленчук, која потоа ќе ја измиксирате со месото во вкусна каша.

    -Бело или црвено месо – белото месо без кожа содржи помалку масти од црвеното месо. Тоа е важен податок, ако се знае дека тие масти му штетат на организмот ако се внесуваат во поголеми количини. Белото месо бебето може и полесно да го внесе и свари. Но, црвеното месо има повеќе железо, кое е многу важно за малиот организам.

    -Остатоците од кашата од месо не е добро да се оставаат да стојат. Затоа, ако ви остане од оброкот најдобро е да го фрлите а не да го употребувате повторно.